сабота, јануари 13, 2007

моменти на Себенедостигање


Во еден миг пред очите и помина се. Четврт век зад неа, неодредено време пред неа. И помина пред очи се сосема случајно, тогаш кога најмалку го очекуваше. А имаше такви моменти. Ги нарекуваше моменти на Себенедостигање. Се огласуваше во неа еден глас - Си недостигам си недостигам си недостигам и велеше. Тоа беше нејзин глас.

Во тие моменти наеднаш чувствуваше голема тага и возбуда. Животот поминува низ прстите а најубавите мигови од него не можат да се задржат. Поминуваат и тие како зрна песок низ прстите. И во тие мигови се случуваше тоа што го нарекуваше Себенедостигање. Затоа што себеси е најтешко да се фати во дланка. Себеси е најтешко да се гушне и утеши. Себеси е најтешко да се бакне и тапка по рамо. И се чинеше дека она по кое што копнее е таа, дека замина и нема да се врати, а се уште е иста.

Се уште е иста а нема никогаш да биде иста. Се уште е иста а никогаш не била иста. Сегашноста е недофатна бидејќи веднаш се претвора во минато. Минатото е неопфатно бидејќи секогаш го сокрива сегашноста. А понекогаш имаше моменти на Себенедостигање, Себебркање и Себеоплакување. Оплакување на себеси исчезнато во минатото. Оплакување на недостатокот на изворот кој гасне. Одвраќање од новото иако е неизбежно. Талкање во место. Музеј кој сама си го подигна за самата себеси. Фигури од восок кој се стопил. Фигури кои се слеваат во една голема лава која набрзо исчезнува.

Во еден миг поминува цел живот од првиот плач до првиот пораз. Од првиот транс до првото поливање со ледена вода.

И кога помислуваше на сето тоа што не ни можеше да го опфати во една мисла. Кога наеднаш затреперуваше и гаснеше, тогаш не можеше ништо друго да направи освен да испушти воздишка и да се гледа извесно време во таванот. Таванот е бел, свежо фарбан, чист и ослободен од било каква содржина, метафора и смисла.

Извесно време медитираше гледајќи се во таваност како лек за моментите на Себенедостигање.


Понекогаш тоа и помагаше.

четврток, јануари 11, 2007

Симон М.- оган и вода

На една бандера, на која што случајно погледна вчера, така за едно 30 цм повисоко од мене забележав залепен скромен леток. На летокот имаше две црно-бели фотографии со црномурест тип со покриени со црна лента очи. На едната фотографија седи потпрен со раката на брадата,онака филозофско настроен. На другата пак изгледа пообично, поафрикански и да не беше лентата сигурно ќе не погледнеше право во очи. На летокот напишале со болдирани букви – смртна казна за Симон М. ХИВ терорист!

Во суштина, тоа беше содржината на летокот. Поминаа неколку недели.

Прв пат го слушнав тоа име пред неколку недели. На вести на радио слушнав дека некојси Симон М., Камерунец со азил во Полска заразил неколку полски моми со ХИВ иако знаел дека е носител. Една девојка пријавила во полиција уште пред пола година, но полицијата не презела никакви мерки се додека бројот на момите не достигнал 4. Оваа вест немаше да го засегне моето внимание доколку не беше пратена со уште еден додаток – Симон М бил многу згоден и најчесто ги запознавал девојките по журки во некои ептен кремски места. Девојкие паѓале на тоа што дотичниот бил наводно познат поет и драматург и ги молел девојките да му помогнат да преведе од англиски неговите дела.
Е ова си реков мора да е интересно, ајде да видиме кој славен херој сме го гостеле во Варшава.

После неколку неуспешни обиди на гугле, успеав да ги откријам преостанатите две букви од неговото име (има една книга за дневникот на Адриан М., носат исто презиме). После тоа беше лесно, напишав име и презиме на гугл и добив безброј страни.
Стварно бил славен.

Решив да проверам зошто. Барајќи така видов дека лицето С.М има и блог, и тоа на англиски. Веднаш почнав да го читам. И еве што открив.

Симон си живеел во Камерун. Работел како новинар во два весници – еден про а еден контра влада. Кога му дале ултиматум да одбери еден го одбрал весникот на опозицијата. Таму пак напишал за тоа како владата е корумпирана и лоша и сфе, и завршил како бегалец во Гана. Во Гана пак не му било интересно па, апелирајќи до ПЕН клубови, со помош на Канада најпосле се нашол во Варшава, каде што прво живеел во хотел со 5 ѕвезди, се разбира на сметка на полскиот ПЕН клуб, за после да биде брзо пренесен во студентски дом а на крај во дом за бегалци. Во Полска е веќе 6 години, и за тоа време се прославил со многу работи освен тоа за што напишав на почетокот. Како прво основал театар со други бегалци и заедно играле 4 негови претстави. Последната претстава се вика – Печатот на Расата (race stamp). Како второ почнал да издава списание во кое што го опишувал животот на бегалците во Полска (околу 2000, претежно чеченци и африканци, не им е интересно, имаат по една соба на фамилија и скоро никакви средства за живот, ама тоа е друга тема)

Се разбира, живеејќи во Полска Симон наишол на цела низа проблеми. Меѓу другото заради својата раса. Најтежок проблем (освен овај кој што го има сега) беше тоа што го обвиниле дека не платил за бензин бидејќи им се видел многу црн. Сепак, сопственикот на бензиската станица му се извинил и се среќно завршило. Освен тоа Симон често помагал во решавање на расистички конфликти во Полска, пишувајќи за нив во весници и ингерирајќи во безброј невладини организации. Сето тоа го документирал и удостапувал. Неговата активност против расизмот му донесе и титула – Антифашист на Годината доделена од антифашистиката организација Нигди Вејнцеј (никогаш повеќе). Објавил и една збирка поезија преведена на полски. Симон пишува на англиски.

Обвинувањата дека е ХИВ позитивен не биле новина за Симон. На својот блог напишал и за неговите неуспешни врски со пољакињи кои што не можеле да се врзат подолго време со него бидејќи бил африканец. Како претседател на друштвото на азиланти и, како што погоре напишав, Антифашист на годината, бил напаѓан многу пати, буквално (скин атекс) и преку озборувања (бил хив позитивен). На блогот тврди дека иако никогаш не се тестирал не е возможно да има ХИВ, и воопшто пољаците се расисти кои тврдат дека секој африканец има сида и како не им е срам.
На вестите тврдат пак дека Симон бил тестиран веднаш кога почнал да живее во домот за бегалци. Било утврдено дека е позитивен и тој многу добро знаел за тоа.

И сега не се знае ништо. Имаме две страни на истата приказна. Имаме околу 4 заразени девојки. Насекаде апели да сите жени кои спиеле со црнци користат презервативи. Насекаде апели да секогаш кога ќе се види црнец да му се плукне во фаца. Се заради Симон М. Тој е хив терорист. Намерно заразувал. Гад! Мајмун! Црко дабогда!

Полските медиуми оживеаа. Секојдневно не ранат со нови податоци за Симон. Полските интернет форуми пукаат од расистички изјави. Се чини дека треба мало пламенче во вид на Симон за да излезат сите наши скриени стравови и омрази кон непознатото и кон она што не сме ние. Ние бели а тој црн. Ние здрави а тој со хив. Доволно е тоа за смртна казна. Доволно е тоа за да почне да се рика и мава. Доволно е тоа да сите припадници на другита раси се плашат да излезат од дома.

Симон М. Е во затвор. Доколку ова сето што се тврди за него во медиумите е вистина тогаш сигурно дека многумина би се откажале од својата толеранција и своето пријателство кон целиот свет. Гледањето на светот црно-бел повторно овде победува со целиот спектар на бои кој иако шарен и убав бара доверба, внимание, акал и отвореност истовремено. А тоа да се достигне е богами тешко. За тоа треба време.

Мене ми остана само да се надевам дека нема повеќе да има слична афера после која што на зидовите и бандерите од градот ќе читам смртни пресуди за странци. Ми остана да се надевам и дека ова е последен момент каде што ми се чини дека она што пољаците го претрпеле до 45 добар дел од нив ништо не научило. Ќе седам и ќе чекам. Имаме топла зима.

п.с нема презимиња и линкови намерно, кој сака може да побара сам, многу е лесно.

среда, јануари 03, 2007

незадолжително






Каква ли музика се слуша кога се пишува? Дали е тоа нешто што треба да долови атмосфера на као...творење уметност демек? Пишувам и слушам Адаџо Г Минор на Албиниони. Се вивнувам и творам чиста блескава пајажина од букви и сите кои го читаат тоа автоматски паѓаат во несвест понесени од неговата моќ на дробење глупости каде што некои можат да препознаат и исконски мудрости. (пример – Коељо, Љ-то е намерно)

Каква ли облека се носи кога се пишува. Дали да седнам сега пред мојот фантастичен екран со подвезици и штикли. Па да пишувам за фетиши пушејќи слимс цигари? Дали да си ставам вештачки нокти и веѓи, да ги бојосам во лилаво и да пишувам за педесетите? Да ставам бинди на челото и сари па да пишувам нова Рамајана? А можеби најдобро е да облечам фармерки и кратка и тесна маичка во која што ќе се почуствувам помладо, посвежо и ќе си припомнувам за блажените ми и полни со типични гревови тинејџерски ноќи. Ах, којзнае за што би пишувала тогаш. Тоа дрога, тоа алкохоли, тоа мирц чатови.

Најпосле, каде да пишувам. Дали да излезам на плоштад облечена во долго црно палто со голема црна капа. Да седам пред зграда и да се инспирирам од моите при-крајот-на-животот-ама-со-и-то-каква-бурна-помината-младост комшивки. Да пробувам да ја замислувам тетка Коца која не ми враќа добар ден во влез и два пати ми опцу ( а не и личи, стварно не и личи на годините), како млада нимфа, со долги руси плетенки и народна носија како полни вода од изворче и го сретнува идниот и маж за потоа долго и среќно да живеат на први над мене и долго и среќно да ги поминуваат потоплите годишни времиња на клупа. Дали да седам во детско игралиште и да контемплирам над невиноста на децата. Тие слатки, искрени суштества кои први ќе те исмеат кога си чакрлив и први ќе плукаат по тебе кога си дебел и во инвалидска количка. Пред да научат дека тоа не го бива и дека не е културно и другарски.
Да влезам во Мањана и да нарачам пиво. И тоа гинис, иако не пијам Гинис ама ќе се посветам за вишите цели на самокреацијата. Да седам, овојпат не пушејќи, бидејќи пушењето во јавност не е модерно. Единствена добра асоцијација со цигари е баш поврзана со Америка, најдобрите тајни клубови за време на прохибицијата.

Или онака, тресејќи се од студ, на пример денес, во 7 саатот наутро. Кога овде се уште е ноќ. Се чуствувам како Кочо Рацин на култниот му таван, иако сум во полоша ситуација бидејќи дува силен ветер и свеќите сигурно би се изгасиле.
Ах, тоа чувство, да пишуваш и да лебдееш. Да се изнесуваш и пиеш абсинт со твојата муза. За жените е потешко да најдат муза. Треба да бидат лезбејки. Или да побараат Муз. А Муз не звучи отмено и уметнички. А можеби затоа тек жените почнале да пишуваат од неодамна и тоа само за некои дрн дрн работи кои малку кој маж ги интерерсира. На пример за орканските висови или пак за Скарлет О Хара за на крајот да се избрукаат со Бриџет Џонс.

И така си седам и редам без цел и поента. Барајќи НЗС помеѓу мене самата и она што треба од мене да се стори ако пишувам. Она што ќе настане од мене доколку продолжам. Она што во мене ќе остане искрено и сето она што ќе го излажам ако продолжам. Она што ќе го изобличам и она за кое што нема никогаш да напишам.

За најпосле, дволично и лицемерно, безобразно и безсрамно, сето ова го покажам и веднаш за тоа да зажалам.

недела, декември 31, 2006

the Rushdie Experiment

Анонимен новинар (поради безбедносни причини) пишува за тоа како луѓето денеска го доживуваат Салман Ражди, скоро 17 години после клетвата наложена на него заради неговиот роман Сатански Стихови.

Во – експериментот Ражди авторот шета низ Техеран со книга на Ражди во ранец и дискретно се обидува да разговара со различни ле за тоа што за нив претставува чинот на Ражди.


The Rushdie dilemma, I began to understand, was no longer about the writer, but about Iranians—a dilemma that they felt they have to confront at some point of time, although no one is sure when that time will come or how this confrontation would be carried out, and against who.


If Rushdie were to dare visit Iran in the near future, he may or may not receive a fair trial, but he will receive a lot of empathy. But the sad truth is even though empathy is necessary and important for Rushdie in a place like Iran, it will most probably be conspicuously silent in the public space. And what good is that for a dead person.

сабота, декември 23, 2006

last christmas - како да се заработи пари од само еден збор


немам коментар, само линк и цитат

The song's Christmas theme was essentially a ruse to draw in the festive market as the lyrics were entirely about a failed relationship, which just happened to come to a head the previous Christmas. There were no other words or expressions within the lyrics with a seasonal theme or hint, except for a sleighbell effect during the instrumental interlude.


oh that xmas not too many people knew you were having toilet sex with a similar to you
(римувам де)

недела, декември 17, 2006

интересен наслов

Наидов на интересен наслов на Вест, каде што и те како има често интересни наслови. Сепак, овој толку ме заинтересира ем заинтригира што решив да го препишам на блог. Башка едно зборче во него би ми донело кликови повеќе ....ха ха

Помеѓу насловот а текстот се забележува блага шизофренија. додека насловот вришти и рика - КУПИ МЕ!!! МАЛОГРАЃАНИНУ! ОВДЕ ЌЕ ПРОЧИТАШ ЗА КУРВИ!! УРААА!! текстот го одзема цело задоволство и возбуда бидејќи зборот курва е заменет со зборот проститутка.

И сега се поставува основното прашање - Кој е курвата овде? Одбери точен одговор.

а. загрозените од серискиот убиец проститутки?
б. ВЕСТ

Прашањето е чисто реторичко. Одговорот е очигледен и се разбира дека не е а.

петок, декември 15, 2006

за мојот врсник

Gdanjsk osamdesete
Uzavrele tvornice
Dva puta se ne ?alju
Tenkovi na radnike
Tenkovi na radnike
Tenkovi na nas

(Азра – Пољска у мом срцу)


(додуша песната не е баш хронолошки точна со опишуваните настани кои започнаа во 1981 ама е најблиску што можев да најдам, башка Азра е!)

Имам 25 години. Се родив во пролетен ден. Кога имав 1 година милицијата уби матурант. Три дена после мојот прв роденден брутално беше претепан нареден матурант. Загинаа уште стотина други матуранти, студенти, рудари, бродоградетели, луѓе кои сакаа слобода или не сакаа ништо посебно. Загинаа заради бог знае што, без никаква особена причина. Загинаа и ги нема.

Се родив скоро пет месеци (без два дена) после 13 декември 1981. Пред 25 години.

На 13 декември во 1981 година пољаците на телевизија го видоа претседателот Војчех Јерузелски. Со смирен глас се обрати кон народот им рече дека од наредниот ден веќе ништо нема да биде исто. И не беше исто три години. На 13 декември интернираа 3000 луѓе. Сите од нив членови на Солидарност. Наредниот ден на улиците кружеа тенкови.. Три години полициски час. Три години апсолутна цензура. Секое писмо, секој телеграм отворан и читан. Три години кога се креваше слушалка на телефон се слушаше „разговорот е контролиран„ Три години глад и беда. Три години во продавници има само киселина. Три години се чекаат километарски редици за леб. Три години очекување да тропнат на твојата врата и да те однесат во непознат правец. Неброени жртви, нелегални емигранти кои бегаа од пеколот.

На прашањето зошто имаше воена состојба во Полска не е лесно да се даде одговор. И после 25 години ништо не е сигурно и никој не може да даде 100% одговор. Официјално Јерузелски во својот патетично-драматичен говор на 13 декември 1981 укажа на опасност од интервенција на силите на Варшавскиот Пакт во Полска. Причина за тоа би биле анти-комунистичките движења кои земаа се поголем замав во земјата. Економската ситуација во земјата пред декември беше повеќе од ужасна. Се закануваше енергетска криза. Имаше опасност да нема огревање во претстојната зима. Сетоа тоа, помешано со паника и несигурност за иднината на земјата беше делумно причина за тоа што се случи подоцна. Другото е историја, млада и неистражена. Млада и тајна.

Војчех Јерузелски моментално е омразен и почитуван истовремено. Никогаш не бил осуден и жевее спрема сите привилегии на минат претседател на Полска. Никој не му го одзел воениот чин на генерал и живее удобно. Навикнат е на тоа дека секој 13 декември пред неговата куќа доаѓаат неговите противници и почитувачи со претежно мнозинство на првите. Пред неговата куќа и овој пат имаше мирен протест чијашто цел беше пред се будење на совест. Совеста на 80-годишниот стар генерал кој целиот свој живот после 1990 го помина правдајќи се и бранејќи ги своите аргументи. Можеби тоа за него е и доволна казна?

(манифестација пред куќата на Јарузелски)

понеделник, декември 11, 2006

крстоносци и комуњари


Јас многу го сакам крстот на Водно. Од блиску е доста грд, ама тука некаде со ајфеловата кула, од далеку, особено навечер е сосема пристојно здание. Ме немало два дена по блогови да разгледувам и веднага сме се поделиле на отштрафувачи и браначи на христијанската вера.

Комуњари и крстоносци. Сметам дека е во ред на некој да му смета крстот. Да му виси над глава како ноќна ламба. Јас живеам во град каде што нема крст кој свети на Водно, од причина што нема планина, арно ама крстот е секојдневно околу мене. Рика од секој весник, секоја недела ми го окупира телевизорот Ватикан Сити, го окупира и полскиот дел од интернетот. Во Македонија крстот никогаш не бил толку популарен. Башка, и владата го носи издигнат гордо и достоинствено. Се пафка со него и за негов атер сакам да емигрирам. Ми труе секојдневно дека само католиците се пољаци. Добри пољаци.

Добри пољаци се и оние кој одат на избори и плаќаат данок. Јас сум втора категорија на добар пољак. Би била и прва категорија ама не одам на миса во недела. Данок плаќам не по свој избор а на избори одам за да гласам за оној кој никогаш нема да биде во влада. За лошите пољаци. Поделбата е секојдневна и сеопфатна. Крстот е во училиштата. Првачињата имаат неколку часа неделно каде што цртаат крстови и ги бојат портокалови и фосфорно зелени. Гимназијалците бегаат од часовите по крстоносење или ги игнорираат нивните катехети со крајни бојкоти на часовите.

Заради крстот нема место по болниците и по амбулантите. Треба 6 месеци чекање за преглед за настинка. Поради крстот преќутувам определени теми. Пради крстот поминав хипер-курс за културна толеранција. Со тоа што живеам овде јас морам да толерирам. Со тоа што живеат овде тие не морат да ме толерираат мене. Тие се норма, јас не.

Крстот се вмешува во тоа што аборцијата сакаат да ја делегализираат во секој возможен случај – во секој, значи и тогаш кога животот на мајката е во опасност, кога мајката е силована и кога детето што треба да се роди нема шанси да преживее повеќе од 24 часа на интензивна нега. Крстот треба да го носиме сите, во секоја прилика а после смртта награда ќе не чека.

Крстот ме резили во европскиот парламент кога европскиот пратеник за кој не гласав јас а гласаа крстоносците кажува колку тоа Дарвин е тапа и како тоа од наредната година теоријата на еволуција ќе се замени со креационизам. Како тоа крстоносците се длабоко понижени и навредени дека потекнуваат од мајмуни. Како тоа нивните деца имаат право да ја знаат вистината а не да бидат научени дека се виши мајмуни и со тоа да тргнат полни со комплекси во возрасниот живот. Се разбира, еден од многуте докази дека креационизмот е апсолутен а дарвинизмот продукт на потомок на мајмун е тоа дека во Шкотска плива Неси а во средниот век имало змејови. Па не е возможно од толку легенди ниту една да не е вистинска. Тоа дека имало змејови докажува дека диносаурусите е алајв енд кикинг. Европски парламенталец, мајнд ју, др. По билогоија.

Крст, на чело и на грб. Крст меѓу нозе и ставен од позади. Крст ставан преку инфузија и хипноза. Сепак, не ми смета ако е на Водно. Безбеден, далеку, свети, го покажува патот за небото. Не ми смета ако седи на безбедно растојание и каде јас, православна христијанка одбирам да одам кон него или да го игнорирам вртејќи му грб. Не би ми сметала и полумесечина до него, иако има природна која свети секако.

Сме дошле на земјата како генетски продукти со слободна воља. Секој од нас има право да ја користи. Со спуштање на ролетни од прозорци свртени кон Водно или пак со подотворање на истите за светлината од него да влезе повеќе во нашите домови. Изборот е наш. Сепак, ми се чини, тоа е само крст. Тоа е можеби и дури крст. Само инсталација на водно, изградена поради различни причини – пафкање, зазначување на територија, перење на мозок или пак ради желба да свети над Скопје и Македонија. За секого поинаку.

Нека свети. За можеби некој да се размисли и што значи. Да не боли и да се замислиме до каде сме со него. Да не копка и да се засрамиме дека со самиот факт дека крстот свети над Македонија не сме ни за грам поголеми христијани а уште повеќе поголеми македонци. За ум.

петок, декември 08, 2006

Шива контра Тромбај



Елефанта е остров близу Бомбај.Името на островот потекнува од пронајдените на неа склуптури на слонови глави. Некаде во шеснаесетти век допловиле таму португалците на кои им било забавно да уништат огромен дел од тие склуптури, концентрирајки се на сурлите и ушите на слоновите а освен тоа и рацете и нозете на боговите кои се таму претставени. Ако се оди на Елефанта тешко е да се види слон во камена или жива форма. Но, ако се качиме по тесната патека и ако во меѓувреме не ги потрошиме сите пари на сувенири кои се многу поефтини него во Бомбај ќе стигнеме до славните пештери на Елефанта.

Имено, на Елефанта се наоѓаат 7 пештери полни со склуптури и рељефи кои пред се претставуваат манифестации и случки од животот на Шива и неговата фамилија.

Следува цитат.

„За среќа, во Елефанта преживеа недопрена она што е таму најубаво и единствено во светот. Се работи за скоро 6 метри висока статуа на Шива-Махешиамурти, денес најпозната староиндијска склуптура. Мехашиамурти (некаде и Тримурти, прим. Прев.т.е.јас), Големиот бог има три лица – две лагодни, како заспани, и една разлутена. Сите три се поврзани со линга, т.е фаличен симбол. Од таа огромна, хармонично компоминирана статуа извира вечност која наговестува мир,но толку интензивно што многумина (не преведувачот) сметаат дека Шива ги хипнотизира, иако сите три глави се со затворени очи.

Водачот сепак не ни дава да ја гледаме статуата долго и со раката не вика да дојдеме на друго место од каде што истовремено може да се види Махешиамурти и далечната панорама на Бомбај (денес Мумбаи) од другата страна на морето.

-Погледнете на лингамот на Шива – вели тој – и на тие градби на десниот дел од брегот. Зарем не се слични?

И навистина, од таму се гледаат некои градби кои ниту се оџаци, ниту пак резервоари на нафта, ниту храмови, големи и копулести на врвот. Изгледаат сосема како фалуси.

- тоа се нуклеарни реактори, дами и господа. Она што се гледа е атомскиот центар Тромбај. Исто како што лингамот ја симболизира вечната, божја енергија на животот, така и тие реактори ја симболизираат енергијата на нова Индија.“

Завршен цитат.

Читам јас онака читам. Го споредувам своето искуство на Елефанта со искуството на писателот на книгата и наеднаш ја фрлам со краен невкус. На писателот на книгата “Делхијско А Бе Це“ споредбата на Шива и нуклеарен реактор реактор му се чини интересна, доста вистинска, и уште коментира дека сигурно Шива читајќи го ова задоволно се смешка задоволен од тоа што неговата сила може на толку моќен начин да биде манифестирана со нуклеарна енергија.

Јас сметам пак, дека Шива сигурно не реагира на начинот опишан од писателот. Тој заборавил да каже дека Шива има трето око. Вечно му е затворено бидејќи неговото трето око е око на гневот. Го отворал по потреба, секогаш кога луѓето кои ги створил си играат мајтап со него, кога се обидуваат да бидат слични на него, и пред се кога ја злоставуваат неговата симболика. Го замислувам како во моментот на дејството во книгата сериозно размислува дали да го отвори за миг па по ѓаволите да отиде и Тромбај, и Бомбај а пред се туристичкиот водач фасциниран што на 10 километри од него се наоѓа оружје готово да го смачка Пакистан и половина Азија. И тоа не на некоја пустина во Невада, туку баш во срцето на најголемиот индијски град, од најголемиот храм на Шива се гледа најголем потсмев кон него.




четврток, декември 07, 2006

wroclaw by rain wroclaw by night


Вроцлав... во Вроцлав паѓа дожд..многу дожд.

Вроцлав...во Вроцлав има многу журки...плакати со журки и флаери со журки.

Додуша...во Вроцлав...на журките нема ер кондишн, и многу чад има...и не одам на журки...

Тоа не значи дека ги нема.

Во Вроцлав има многу банки...претерано многу банки, на секој чекор има банка и банкомат. Имаш Деуче Банк, Сити Банк, имаш АИГ банк и ИНГ банк. Во некои од тие банки заработувам за живот. Некаде е добро, некаде не.

Банките...во вроцлав...нудат кредити....за...во Вроцлав да купиш стан...во Вроцлав да купиш куќа....во Вроцлав да купиш кола...да купиш дете...градинка...и факултет...и жена од Молдавија.

За се можеш да си земеш пари од Вроцлав.

Моментално паѓа дожд...многу дожд...и на дождот се одбива светлината на моќните кредити...убавите кредити.

Во Вроцлав ми избега трамвај. Во трамвајот има журка...

Трамвајот со журка не застанува на станицата зад кое има кино зад кое има банка зад кое има три банки...

Тоа е така во Вроцлав, каде што паѓа дожд.