Во еден миг пред очите и помина се. Четврт век зад неа, неодредено време пред неа. И помина пред очи се сосема случајно, тогаш кога најмалку го очекуваше. А имаше такви моменти. Ги нарекуваше моменти на Себенедостигање. Се огласуваше во неа еден глас - Си недостигам си недостигам си недостигам и велеше. Тоа беше нејзин глас.
Во тие моменти наеднаш чувствуваше голема тага и возбуда. Животот поминува низ прстите а најубавите мигови од него не можат да се задржат. Поминуваат и тие како зрна песок низ прстите. И во тие мигови се случуваше тоа што го нарекуваше Себенедостигање. Затоа што себеси е најтешко да се фати во дланка. Себеси е најтешко да се гушне и утеши. Себеси е најтешко да се бакне и тапка по рамо. И се чинеше дека она по кое што копнее е таа, дека замина и нема да се врати, а се уште е иста.
Се уште е иста а нема никогаш да биде иста. Се уште е иста а никогаш не била иста. Сегашноста е недофатна бидејќи веднаш се претвора во минато. Минатото е неопфатно бидејќи секогаш го сокрива сегашноста. А понекогаш имаше моменти на Себенедостигање, Себебркање и Себеоплакување. Оплакување на себеси исчезнато во минатото. Оплакување на недостатокот на изворот кој гасне. Одвраќање од новото иако е неизбежно. Талкање во место. Музеј кој сама си го подигна за самата себеси. Фигури од восок кој се стопил. Фигури кои се слеваат во една голема лава која набрзо исчезнува.
Во еден миг поминува цел живот од првиот плач до првиот пораз. Од првиот транс до првото поливање со ледена вода.
И кога помислуваше на сето тоа што не ни можеше да го опфати во една мисла. Кога наеднаш затреперуваше и гаснеше, тогаш не можеше ништо друго да направи освен да испушти воздишка и да се гледа извесно време во таванот. Таванот е бел, свежо фарбан, чист и ослободен од било каква содржина, метафора и смисла.
Извесно време медитираше гледајќи се во таваност како лек за моментите на Себенедостигање.
Понекогаш тоа и помагаше.
Нема коментари:
Објави коментар