среда, јануари 03, 2007

незадолжително






Каква ли музика се слуша кога се пишува? Дали е тоа нешто што треба да долови атмосфера на као...творење уметност демек? Пишувам и слушам Адаџо Г Минор на Албиниони. Се вивнувам и творам чиста блескава пајажина од букви и сите кои го читаат тоа автоматски паѓаат во несвест понесени од неговата моќ на дробење глупости каде што некои можат да препознаат и исконски мудрости. (пример – Коељо, Љ-то е намерно)

Каква ли облека се носи кога се пишува. Дали да седнам сега пред мојот фантастичен екран со подвезици и штикли. Па да пишувам за фетиши пушејќи слимс цигари? Дали да си ставам вештачки нокти и веѓи, да ги бојосам во лилаво и да пишувам за педесетите? Да ставам бинди на челото и сари па да пишувам нова Рамајана? А можеби најдобро е да облечам фармерки и кратка и тесна маичка во која што ќе се почуствувам помладо, посвежо и ќе си припомнувам за блажените ми и полни со типични гревови тинејџерски ноќи. Ах, којзнае за што би пишувала тогаш. Тоа дрога, тоа алкохоли, тоа мирц чатови.

Најпосле, каде да пишувам. Дали да излезам на плоштад облечена во долго црно палто со голема црна капа. Да седам пред зграда и да се инспирирам од моите при-крајот-на-животот-ама-со-и-то-каква-бурна-помината-младост комшивки. Да пробувам да ја замислувам тетка Коца која не ми враќа добар ден во влез и два пати ми опцу ( а не и личи, стварно не и личи на годините), како млада нимфа, со долги руси плетенки и народна носија како полни вода од изворче и го сретнува идниот и маж за потоа долго и среќно да живеат на први над мене и долго и среќно да ги поминуваат потоплите годишни времиња на клупа. Дали да седам во детско игралиште и да контемплирам над невиноста на децата. Тие слатки, искрени суштества кои први ќе те исмеат кога си чакрлив и први ќе плукаат по тебе кога си дебел и во инвалидска количка. Пред да научат дека тоа не го бива и дека не е културно и другарски.
Да влезам во Мањана и да нарачам пиво. И тоа гинис, иако не пијам Гинис ама ќе се посветам за вишите цели на самокреацијата. Да седам, овојпат не пушејќи, бидејќи пушењето во јавност не е модерно. Единствена добра асоцијација со цигари е баш поврзана со Америка, најдобрите тајни клубови за време на прохибицијата.

Или онака, тресејќи се од студ, на пример денес, во 7 саатот наутро. Кога овде се уште е ноќ. Се чуствувам како Кочо Рацин на култниот му таван, иако сум во полоша ситуација бидејќи дува силен ветер и свеќите сигурно би се изгасиле.
Ах, тоа чувство, да пишуваш и да лебдееш. Да се изнесуваш и пиеш абсинт со твојата муза. За жените е потешко да најдат муза. Треба да бидат лезбејки. Или да побараат Муз. А Муз не звучи отмено и уметнички. А можеби затоа тек жените почнале да пишуваат од неодамна и тоа само за некои дрн дрн работи кои малку кој маж ги интерерсира. На пример за орканските висови или пак за Скарлет О Хара за на крајот да се избрукаат со Бриџет Џонс.

И така си седам и редам без цел и поента. Барајќи НЗС помеѓу мене самата и она што треба од мене да се стори ако пишувам. Она што ќе настане од мене доколку продолжам. Она што во мене ќе остане искрено и сето она што ќе го излажам ако продолжам. Она што ќе го изобличам и она за кое што нема никогаш да напишам.

За најпосле, дволично и лицемерно, безобразно и безсрамно, сето ова го покажам и веднаш за тоа да зажалам.

Нема коментари: