сабота, јануари 20, 2007

запис


Летото се чинеше магично.Веќе одамна немало такви лета. Лето, куси ракави, долги седења под Саатот и уште подолги дремења на ѕидот. Тоа беше најдоброто што можеше да се случи во летото бидејќи летата беа токму за тоа. Се седеше на весници, камења, горниот дел од клупите кој служи за потпирање, се седеше на скалите под Стопанска Банка и кај турското училиште. Се седеше на многу места. Тогаш уште улиците во градот изгледаа поинаку. Немаше поминато поворка со факели, немаше палење свеќи на плоштад. Генерацијата 98/99 се уште се немаше разочарано од животот. Се работеше по третокласни кафичи за 150 денари. Се пиеја три скопски во расход. Дење се спиеше некаде до три а потоа се чекаше задисонцето на балконот на Димче Лахчански. Се превртуваа филџани со кафе и се криеја цигарите Вечерта светеше крстот на германски гробишта. Светеше низ прозорецот и гаснеше веднаш кога изгреваше сонцето.

Наутро се одеше во продавница кај Џорџ и се пишеше млеко, леб и бос во меко. Потоа следуваше прашање дали татко ти знае дека купуваш цигари за себе за неговите пари. Да знаеше татко ти. Што ти е тебе бре, што ти е гајле уствари.


Таа доаѓаше секојдневно. Гледаа телевизија. Поминуваа со прстите низ кориците на книгите. Ги допираа листовите на фикусот кој растеше веднаш до полицата. Се молчеше и се зборуваше. Поминуваа денови, долги ноќи и летувања. Се одеше на базен, т.е на кафе на базен. На олимписки се уште немаше лизгалки и можеше да се јаде доста ефтини ќебапи. Најубаво им беше еднаш кога базенот беше празен и почна да врне дожд. Преостанатите брзо си отидоа и беа сами на олимписки базен. Едната од нив можеше да издржи под вода подолго. Го препливуваа базенот и капките дожд ги заслепуваа. Потоа трчаа водени низ градскиот парк, мислејќи си дали ова што го прават е паметно додека има летна бура. Дотрчаа до спортската сала и седнаа на скалите под неа. Имаа по 20 денари во џебот и, откако преврна дождот отидоа по празни сендвичи. Лебот беше со сусам. Внатре имаше помфрит, салата и многу мајонез. Ги јадеа своите сендвичи под чадорот на сендвичарата. После тоа одеа дома пешки. Со полни стомаци, водени, среќни во летото во 1999.

Вечерта пиеја смедеревка. Вечерта повраќаа. Вечерта седеа на скалите и пиеја смедеревка. Полнеа во пластични шишиња. Од две литри. Купуваа цигари на парче. Седеа и пиеја смедеревка. Се враќаа дома пијани, редовно после повраќаа, наредниот ден се будеа и го гледаа крстот на германски гробишта како упорно зрачи низ нивниот прозорец. Иако се уште беше ден. Летото беше магично. Имаше сулфурно жолта боја и розови прамени. Одамна немаше такви лета.

2 коментари:

Анонимен рече...

И за генерацијата ‘89/90 нема такви лета и такви утра.. одличен запис.

Tome рече...

Кај ме фрли сега... сите битолски лета in a flash...
сулфурно жолтите лета насабајле ги памтам и како плаво-зелени, кога се одеше по шеталиште накај олимписки. Додуша едно сабајле видов и некоја друга боја (веројатно бела) кога од липите една оса ми се пикна во сандалите и ме касна на палецот од ногата.

Ете на што ме потсети, изгледа од што ме боли главата моментално :).