"стандарден блог, aka претерано неинтересен ем досаден" featuring: India,ego-trippin, blues skies, rainy days, longing for the summer, missing/hating my home-town, people passing by my window, ___________________ (fill in the gap)
среда, јануари 31, 2007
Goa - vistinska
1. песови, (ме ухапе едно)
2. слонови (ако сакаш да го погалиш има такса)
3. гњавење на туристи на плажа (види масажа и жена која продава саронзи за 10 пати поскапо него во Анџуна)
4. Ком си мај шоп, Анџуна пазар - најбесен маркет на светот со најубав поглед
5. приказ на начин на перење а богами и капење во цела Индија ( не само во Гоа)
6. глупави туристи, најиритирачко од се
ИНЏОЈ!
понеделник, јануари 29, 2007
shut the feta
Ај на кратко, штофета да предадам
Јас сум/бев/мислам
1.веќе пола година хепили мерид, мислам дека за ова малку луѓе знаат.
2.Едно време бев музички фанатик со доста истанчен (или ограничен) вкус, сега скоро и да престанав да симнувам музика.
3.Пеев во хорот на Си-До, кога излезе легендарната НаТаШа од трето три, и тогаш ми се исполни желбата да влезам во музичко студио.
4.Ни ЕУ не е она што беше.(од 2004)
5.Имам во план да емигрирам на крајот на светот, што подалеку тоа подобро. Искрено, ја мразам Европа, досадна е.
Штафетата не му ја предавам на никој, оти мразам ланци, алки и синџири. Не ми праќајте. фала.
вторник, јануари 23, 2007
VEST - JEDINA INSPIRACIJO MOJA!!!
- Битолчанката Емилија Поповска е избрана за нај пуфла, на изборот што се одржа во петокот вечерта во кафе барот "ФХ" во Битола. Титулата најпуфла, едногласно и беше доделена на Емилија, студентка на Економскиот факултет во Скопје, која ги исполни сите критериуми за учество на овој избор.А освен што требаше да биде битолчанка, потребно беше девојката да оди на плажа по штикли, да има "откачено" минимум дваесет додворувачи и кога ќе биде доведена во ситуација да и "падне" носот - да не се наведнува за да го крени.
-Среќна сум што токму мене ме избраа за најпуфла во Битола, но на јавноста сакам да и кажам дека пуфла нема ама баш никаква врска со изразот шмизла. Вистинското значење на зборот пуфла во Битола е поинакво одколку во другите места во Македонија- рече по завршувањето на изборот првата битолска пуфла Емилија.
М.П. -
за слика на битолската најпуфла и дополнително дружење со исконските веди на Вест кликни овде
на здравје.
Карпе дием
сабота, јануари 20, 2007
запис
сабота, јануари 13, 2007
моменти на Себенедостигање
Во еден миг пред очите и помина се. Четврт век зад неа, неодредено време пред неа. И помина пред очи се сосема случајно, тогаш кога најмалку го очекуваше. А имаше такви моменти. Ги нарекуваше моменти на Себенедостигање. Се огласуваше во неа еден глас - Си недостигам си недостигам си недостигам и велеше. Тоа беше нејзин глас.
Во тие моменти наеднаш чувствуваше голема тага и возбуда. Животот поминува низ прстите а најубавите мигови од него не можат да се задржат. Поминуваат и тие како зрна песок низ прстите. И во тие мигови се случуваше тоа што го нарекуваше Себенедостигање. Затоа што себеси е најтешко да се фати во дланка. Себеси е најтешко да се гушне и утеши. Себеси е најтешко да се бакне и тапка по рамо. И се чинеше дека она по кое што копнее е таа, дека замина и нема да се врати, а се уште е иста.
Се уште е иста а нема никогаш да биде иста. Се уште е иста а никогаш не била иста. Сегашноста е недофатна бидејќи веднаш се претвора во минато. Минатото е неопфатно бидејќи секогаш го сокрива сегашноста. А понекогаш имаше моменти на Себенедостигање, Себебркање и Себеоплакување. Оплакување на себеси исчезнато во минатото. Оплакување на недостатокот на изворот кој гасне. Одвраќање од новото иако е неизбежно. Талкање во место. Музеј кој сама си го подигна за самата себеси. Фигури од восок кој се стопил. Фигури кои се слеваат во една голема лава која набрзо исчезнува.
Во еден миг поминува цел живот од првиот плач до првиот пораз. Од првиот транс до првото поливање со ледена вода.
И кога помислуваше на сето тоа што не ни можеше да го опфати во една мисла. Кога наеднаш затреперуваше и гаснеше, тогаш не можеше ништо друго да направи освен да испушти воздишка и да се гледа извесно време во таванот. Таванот е бел, свежо фарбан, чист и ослободен од било каква содржина, метафора и смисла.
Извесно време медитираше гледајќи се во таваност како лек за моментите на Себенедостигање.
Понекогаш тоа и помагаше.
четврток, јануари 11, 2007
Симон М.- оган и вода
Во суштина, тоа беше содржината на летокот. Поминаа неколку недели.
Прв пат го слушнав тоа име пред неколку недели. На вести на радио слушнав дека некојси Симон М., Камерунец со азил во Полска заразил неколку полски моми со ХИВ иако знаел дека е носител. Една девојка пријавила во полиција уште пред пола година, но полицијата не презела никакви мерки се додека бројот на момите не достигнал 4. Оваа вест немаше да го засегне моето внимание доколку не беше пратена со уште еден додаток – Симон М бил многу згоден и најчесто ги запознавал девојките по журки во некои ептен кремски места. Девојкие паѓале на тоа што дотичниот бил наводно познат поет и драматург и ги молел девојките да му помогнат да преведе од англиски неговите дела.
Е ова си реков мора да е интересно, ајде да видиме кој славен херој сме го гостеле во Варшава.
После неколку неуспешни обиди на гугле, успеав да ги откријам преостанатите две букви од неговото име (има една книга за дневникот на Адриан М., носат исто презиме). После тоа беше лесно, напишав име и презиме на гугл и добив безброј страни.
Стварно бил славен.
Решив да проверам зошто. Барајќи така видов дека лицето С.М има и блог, и тоа на англиски. Веднаш почнав да го читам. И еве што открив.
И сега не се знае ништо. Имаме две страни на истата приказна. Имаме околу 4 заразени девојки. Насекаде апели да сите жени кои спиеле со црнци користат презервативи. Насекаде апели да секогаш кога ќе се види црнец да му се плукне во фаца. Се заради Симон М. Тој е хив терорист. Намерно заразувал. Гад! Мајмун! Црко дабогда!
Симон М. Е во затвор. Доколку ова сето што се тврди за него во медиумите е вистина тогаш сигурно дека многумина би се откажале од својата толеранција и своето пријателство кон целиот свет. Гледањето на светот црно-бел повторно овде победува со целиот спектар на бои кој иако шарен и убав бара доверба, внимание, акал и отвореност истовремено. А тоа да се достигне е богами тешко. За тоа треба време.
п.с нема презимиња и линкови намерно, кој сака може да побара сам, многу е лесно.
среда, јануари 03, 2007
незадолжително
Каква ли музика се слуша кога се пишува? Дали е тоа нешто што треба да долови атмосфера на као...творење уметност демек? Пишувам и слушам Адаџо Г Минор на Албиниони. Се вивнувам и творам чиста блескава пајажина од букви и сите кои го читаат тоа автоматски паѓаат во несвест понесени од неговата моќ на дробење глупости каде што некои можат да препознаат и исконски мудрости. (пример – Коељо, Љ-то е намерно)
Каква ли облека се носи кога се пишува. Дали да седнам сега пред мојот фантастичен екран со подвезици и штикли. Па да пишувам за фетиши пушејќи слимс цигари? Дали да си ставам вештачки нокти и веѓи, да ги бојосам во лилаво и да пишувам за педесетите? Да ставам бинди на челото и сари па да пишувам нова Рамајана? А можеби најдобро е да облечам фармерки и кратка и тесна маичка во која што ќе се почуствувам помладо, посвежо и ќе си припомнувам за блажените ми и полни со типични гревови тинејџерски ноќи. Ах, којзнае за што би пишувала тогаш. Тоа дрога, тоа алкохоли, тоа мирц чатови.
Најпосле, каде да пишувам. Дали да излезам на плоштад облечена во долго црно палто со голема црна капа. Да седам пред зграда и да се инспирирам од моите при-крајот-на-животот-ама-со-и-то-каква-бурна-помината-младост комшивки. Да пробувам да ја замислувам тетка Коца која не ми враќа добар ден во влез и два пати ми опцу ( а не и личи, стварно не и личи на годините), како млада нимфа, со долги руси плетенки и народна носија како полни вода од изворче и го сретнува идниот и маж за потоа долго и среќно да живеат на први над мене и долго и среќно да ги поминуваат потоплите годишни времиња на клупа. Дали да седам во детско игралиште и да контемплирам над невиноста на децата. Тие слатки, искрени суштества кои први ќе те исмеат кога си чакрлив и први ќе плукаат по тебе кога си дебел и во инвалидска количка. Пред да научат дека тоа не го бива и дека не е културно и другарски.
Да влезам во Мањана и да нарачам пиво. И тоа гинис, иако не пијам Гинис ама ќе се посветам за вишите цели на самокреацијата. Да седам, овојпат не пушејќи, бидејќи пушењето во јавност не е модерно. Единствена добра асоцијација со цигари е баш поврзана со Америка, најдобрите тајни клубови за време на прохибицијата.
Или онака, тресејќи се од студ, на пример денес, во 7 саатот наутро. Кога овде се уште е ноќ. Се чуствувам како Кочо Рацин на култниот му таван, иако сум во полоша ситуација бидејќи дува силен ветер и свеќите сигурно би се изгасиле.
Ах, тоа чувство, да пишуваш и да лебдееш. Да се изнесуваш и пиеш абсинт со твојата муза. За жените е потешко да најдат муза. Треба да бидат лезбејки. Или да побараат Муз. А Муз не звучи отмено и уметнички. А можеби затоа тек жените почнале да пишуваат од неодамна и тоа само за некои дрн дрн работи кои малку кој маж ги интерерсира. На пример за орканските висови или пак за Скарлет О Хара за на крајот да се избрукаат со Бриџет Џонс.
И така си седам и редам без цел и поента. Барајќи НЗС помеѓу мене самата и она што треба од мене да се стори ако пишувам. Она што ќе настане од мене доколку продолжам. Она што во мене ќе остане искрено и сето она што ќе го излажам ако продолжам. Она што ќе го изобличам и она за кое што нема никогаш да напишам.
За најпосле, дволично и лицемерно, безобразно и безсрамно, сето ова го покажам и веднаш за тоа да зажалам.