Не е до недостатокот на инспирација. Инспирација има со лопата да ринеш. Не е ниту до мрза, иако тоа е лавовски дел од тоа зошто постови има се помалку. Единствено рационално објаснување ми е фаза – не знам дали има крај или не.
Ама ете вечерта ми започнува фино. Јас, Екранот, Спејс Одити, тукушто направено кафе (вечерно, не ми влијае во заспивање), Ел&Емите и повторно јас. Идеална комбинација за поминување на самостојна интроспективна вечер, каква што немало одамна. Јас сум по малку степска волчица, колку и тоа банално да звучи (не само што звучи, туку и вришти – ми вели едно ѓаволче во увото), ми треба ограничена самотија. Вака инстроспективно и самотно седејќи си пред екранот ми убав, си мислам со што ќе си го исполнам животот во најскоро време и заклучувам дека не сум сериозна у ствари.
А зошто?
Наместо да ја контемплирам смислата на животот јас веднаш почнувам да ги планирам неколкуте наредни месеци и едниствениот заклучок што ми доаѓа во главата е дека сакам да одам на концерти, опен ер фестивали или да купам мп4 плеер (каков ајпод, некој тн зулемарка)
Што најверојатно значи дека мозокот ми е тинејџерски. Денес дури и бев во типичен тинејџ шоп и купив типичен тинејџерски Т-шрт со некое пиле, само што нетинејџерски намерно купив најголем можен број од истото.
После тоа одам да одржам час во банка. И така пред мене седи петточлена група од 7-77 ( т.е искрено, од 22 до 36) и слушам како сите членки на таа група зборуваат на мошне лош англиски за своите планови од типот на – кола, стан и дете.
Се враќам дома а по патот играм монопол на мобилен. Седнувам дома пред компјутер и се чешкам по главата ми. Ајде си велам, Ања, што паметно ќе размислуваме ние вечерва?
И ете како резултат, сепак помислувам на тоа дека покрај тоа што годинава се претворив во машина за заработување на пари, свесно ги откажав викендите и а со тоа и петоците и саботите навечер, и покрај што се трудам од петни жили да глумам сериозен граѓанин и колку што може поредовно да плаќам осигурување како самовработен фриленсер, тоа ниту малку не ми помага ментално да се сменам.
Се уште сметам дека најдобрата работа на светот е зајдисонце во Вагатор. А во недостаток на првото не можам да дочекам да расцутат грмушките пред балконот.
План за иднината?
Единствено што ми паѓа на памет после овој интроспективен пост е тоа што најблизок план ми е да започнам да одам на работа пешки слушајќи некоја пролетна world music компилација на мојот нов no name mp3.
И сметам дека планот ми е првокласен! Башка тоа, знам дека ќе ми се исполни.
1 коментар:
Ако ти е за „утеха“ тинејџ филингот ме следи како не нормален секој ден.:) Устваrи и Bowie драпа нешто со своите 60 и ич не му дреми, а можи и до него да е.
Објави коментар