Јас многу го сакам крстот на Водно. Од блиску е доста грд, ама тука некаде со ајфеловата кула, од далеку, особено навечер е сосема пристојно здание. Ме немало два дена по блогови да разгледувам и веднага сме се поделиле на отштрафувачи и браначи на христијанската вера.
Комуњари и крстоносци. Сметам дека е во ред на некој да му смета крстот. Да му виси над глава како ноќна ламба. Јас живеам во град каде што нема крст кој свети на Водно, од причина што нема планина, арно ама крстот е секојдневно околу мене. Рика од секој весник, секоја недела ми го окупира телевизорот Ватикан Сити, го окупира и полскиот дел од интернетот. Во Македонија крстот никогаш не бил толку популарен. Башка, и владата го носи издигнат гордо и достоинствено. Се пафка со него и за негов атер сакам да емигрирам. Ми труе секојдневно дека само католиците се пољаци. Добри пољаци.
Добри пољаци се и оние кој одат на избори и плаќаат данок. Јас сум втора категорија на добар пољак. Би била и прва категорија ама не одам на миса во недела. Данок плаќам не по свој избор а на избори одам за да гласам за оној кој никогаш нема да биде во влада. За лошите пољаци. Поделбата е секојдневна и сеопфатна. Крстот е во училиштата. Првачињата имаат неколку часа неделно каде што цртаат крстови и ги бојат портокалови и фосфорно зелени. Гимназијалците бегаат од часовите по крстоносење или ги игнорираат нивните катехети со крајни бојкоти на часовите.
Заради крстот нема место по болниците и по амбулантите. Треба 6 месеци чекање за преглед за настинка. Поради крстот преќутувам определени теми. Пради крстот поминав хипер-курс за културна толеранција. Со тоа што живеам овде јас морам да толерирам. Со тоа што живеат овде тие не морат да ме толерираат мене. Тие се норма, јас не.
Крстот се вмешува во тоа што аборцијата сакаат да ја делегализираат во секој возможен случај – во секој, значи и тогаш кога животот на мајката е во опасност, кога мајката е силована и кога детето што треба да се роди нема шанси да преживее повеќе од 24 часа на интензивна нега. Крстот треба да го носиме сите, во секоја прилика а после смртта награда ќе не чека.
Крстот ме резили во европскиот парламент кога европскиот пратеник за кој не гласав јас а гласаа крстоносците кажува колку тоа Дарвин е тапа и како тоа од наредната година теоријата на еволуција ќе се замени со креационизам. Како тоа крстоносците се длабоко понижени и навредени дека потекнуваат од мајмуни. Како тоа нивните деца имаат право да ја знаат вистината а не да бидат научени дека се виши мајмуни и со тоа да тргнат полни со комплекси во возрасниот живот. Се разбира, еден од многуте докази дека креационизмот е апсолутен а дарвинизмот продукт на потомок на мајмун е тоа дека во Шкотска плива Неси а во средниот век имало змејови. Па не е возможно од толку легенди ниту една да не е вистинска. Тоа дека имало змејови докажува дека диносаурусите е алајв енд кикинг. Европски парламенталец, мајнд ју, др. По билогоија.
Крст, на чело и на грб. Крст меѓу нозе и ставен од позади. Крст ставан преку инфузија и хипноза. Сепак, не ми смета ако е на Водно. Безбеден, далеку, свети, го покажува патот за небото. Не ми смета ако седи на безбедно растојание и каде јас, православна христијанка одбирам да одам кон него или да го игнорирам вртејќи му грб. Не би ми сметала и полумесечина до него, иако има природна која свети секако.
Сме дошле на земјата како генетски продукти со слободна воља. Секој од нас има право да ја користи. Со спуштање на ролетни од прозорци свртени кон Водно или пак со подотворање на истите за светлината од него да влезе повеќе во нашите домови. Изборот е наш. Сепак, ми се чини, тоа е само крст. Тоа е можеби и дури крст. Само инсталација на водно, изградена поради различни причини – пафкање, зазначување на територија, перење на мозок или пак ради желба да свети над Скопје и Македонија. За секого поинаку.
Нека свети. За можеби некој да се размисли и што значи. Да не боли и да се замислиме до каде сме со него. Да не копка и да се засрамиме дека со самиот факт дека крстот свети над Македонија не сме ни за грам поголеми христијани а уште повеќе поголеми македонци. За ум.