вторник, јули 17, 2007

магијата на Брејв


Во изминатата недела во Вроцлав се одржа Брејв Фестивалот каде што (како што најавив) зедоа учество Бистри Води, во стварност дел од македонскиот национален ансамбл Танец. Во вторникот сабајле групата која што се состоеше од 9 изведувачи, директорот на ансамблот и 2 возачи го паркираа мини-бусот пред хотелот Полонија во Вроцлав. Во наредните денови дадоа 2 концерти во рамките на фестивалот во Вроцлав, и еден во саботата во Олешница (40 км од Вроцлав). Јас за тоа време имав најисцрпувачки денови во мојот живот, тотално по мое барање, бидејќи на фестивалот работев како волонтер (на распуст сум, и вака одмарам) и главна задача ми беше да бидам нивни водич/помошник/порачувач на храна во ресторан/ туристички водич/разменувач на пари/трилингуален преведувач и на самиот концерт (на кој што не се покажав од најдобра страна)/ и уредувач на интервјуа, средби со јавноста и дирекцијата (ова со интервјуата исто така беше слаба точка – договорив многу интервјуа а се појавивме на многу малку). За разлика од помошниците на другите групи кои беа присутни на фестивалот мене ми се трефна таа чест да бидам сосема сама во мојата работа (во другитегрупи имаше по 3-4 луѓе), што резултира со тоа што во неделата спиев околу 20 часа.

Ете после тоа како се пофалив колку јас сум била мачна и напатена душа ќе кажам збор два и за самите настапи и за тоа каков впечаток оставија нашите музичари овде во Вроцлав. Се разбира ќе ги кажам само позитивните работи.

Мотото на фестивалот беше –DROWNED SONGS – т.е прикажување на елементите на фолклорот кој е во изумирање – се бараа најхардкор изворни песни и ритуали – и тоа до некаде беше постигнато. Она што самите организации не го бараа беше – аранжирани/џезирани/фјужн/свирени од ноти песни . Целта на фестивалот како таков е да успее да прикаже дел од културата во исчезнување и да успее да наметне свест кај пошироката јавност дека треба поголем напор на локално ем глобално ниво на нејзино зачувувување. Средствата собрани од продажбата на билети и материјали кои ги донесоа и самите музичари се за помош на организацијата Рокпа, која што околу 20 години делува во Тибет, каде што се обидува да направи да младите тибетанци не се претворат во стари кинези. Наводно, доста успешно.

Во рамките на фестивалот имаше концерти (кои беа и основа), театри, изложби, работилници и документарни филмови. Концерти дадоа изведувачи од Грузија, Австралија (вистински Абориџини), 75-годишни баби од Украина, Русија, Сибир, Мароко и Сардинија. Лично учествував само на два концерти (македонскиот и украинскиот), но индиректно бев присутна и во абориџинскиот, рускиот и грузискиот – а како ?

Баш во тоа се состоеше вториот дел на фестивалот, претерано неофицијален и непрофесионален но баш на тој дел од фестивалот - идеата за дружење, размена на култури и разбирање на истите беше најповеќе присутна. Организаторите окупираа нов и тотално изолиран од клуб бо којшто после секој концерт имаше средба со музичарите, како и уште ред други збиднувања. Во рамките на тие средби сите оние кои сакаа да разговараат со музичарите имаа можност тоа да го направат , можеа да слушнат неофицијално делови од концертот како и после сето тоа едноставно да се дружат со учесниците на фестивалот. Во клубот имаше претежно млади луѓе, од кој лавовски дел беа автентични собирачи на народни умотворби низ претежно источна Европа. Тие луѓе одат на експедиции во Сибир, Украина, Романија, Русија и Бугарија и вооружени со диктафони од најстарите баби и дедовци по селата што ги посетуваат ги берат нивните песни за потоа, кога ќе се вратат во Полска да можат да ги научат и колку што може поверно да ги исполнат. Најубав дел од целиот фестивал беа моментите кога ете на пример дел од Бистри Води почна да ја пее – Ајде да си речиме уште една – и околу нив се собра неформална публика која што се обидуваше веднаш да учествува во песната. Наредната вечер веќе се обидуваа со нив/нас да пеат, а бидејќи имаат искуство со полифонија тоа многу успешно и го правеа. Така на пример на една маса седнати луѓе од Полска, Македонија, Украина и Грузија се обидуваат заедно да ја пеат Зајди Зајди или Јовано Јованке, а уште подоцна кон тој фолк џем сешн се приклучува и Абориџин кој на тие песни му додаде и игра и свои созвучија (тврдеше дека на музиката не им биле потребни зборови, и тоа го докажа). Тие моменти беа магични - и баш во нив беше жива идеата на фестивалот – во кој се докажа дека музиката/светот припаѓа на обичните луѓе.


1 коментар:

Roszja i Lu рече...

hello! Cheers form Brave Festival crew.

Hope You'll stay in Wroclaw for next edition Brave Festival