Приказната која што сакам може да се раскаже на неколку начини, и на неколку начини ќе ја раскажам. Содржината на приказната во една реченица е следна - девојче се качува во воз, влегуваат двајца морони, девојче е фрлено од воз – и толку, крај на приказната. Сепак, најтешко е да се отчита содржината на запирките.
На една интернет страна мајката да девојчето пишува за неа. Пишува како девојчето сакало да стане доктор. Како одело во Варшава да се запише на факултет. Како учело за приемни цела година. Како девојчето го интересирале билки и лекови. Едно време сакало да стане фармацевт ама се решило да стане доктор. Како помагало низ дома и се грижело за браќата и сестрите. Како не одела во дискотеки со цел да оди во Варшава и да се запише на факултет. Сето тоа, за да биде убиено за нецели 30 евра.
На друга интернет страна новинари пишуваат за почетокот, крајот и заклучокот. Почетокот е раѓање и желба. Крајот е звук на воз, тивко липање кога никој не гледа во вц, и тапо кршење на коски.Причината е злосторство, а реакцијата е казна. Причината е роденден, а реакцијата поклон. На средина има молк и тивко липање кога никој не гледа. Имаше неколку минути да се збогува со самата себеси во вц-то. Потоа ја отвори вратата и падна.
Беа двајца. Им беше досадно. Немаа пари за пиво а не сакаа да работат за 300 евра месечно. Сите што работат за 300 евра месечно треба да се лечат – сите учители, медицински сестри, лекари, продавачи. Кројачи и секретарки. Има луѓе и надлуѓе. Луѓето се морони кои работат за 300 евра месечно. Надлуѓето не плаќаат за билети во воз. Надлуѓето се пронаоѓаат меѓусебно и слават роденден со ново искуство – убиваат човек, т.е жена, т.е девојка –човек. Девојка човек која е родена една година после нив.
Девојчето постапува глупаво, или едноставно е малер. Како прво што бара да оди сама во воз ноќе. Возот тргнува во 22 јасот. Како второ што бара да влегува во последниот вагон и во последно купе. Влегува во вагон сама, бара слободно место и среќна наоѓа празно купе за да повторува цела ноќ бидејќи испитот е во 8. Девојчето постапува потполно како што постапуваат жртвите. Се наоѓа во погрешно место во погрешно време по сопствено барање.Возот застанува. Таа излегува со нив и седнува во друг воз кој оди поблиску до нив дома. Веќе знае дека нема да стигне до Варшава. Мирно излегува од возот и мирно чекори кон другиот перон. Не знае да избега, да викне или проколне. Не знае како да постапи, се насмевнува и кога кондуктерот влегува. Го покажува својот билет а двата надлуѓе купуваат насмевка од кондуктерот за 7 евра од паричникот на девојчето. Кондуктерот ја затвора вратата а таа има уште 5 минути живот.
Петте минути поминуваат брзо. Добива неколку тупаници по стомакот и главата. Излегува до вц за да размисли. Размислува. Излегува повторно и ... умира.
После неколку минути нема повеќе приказна. Надлуѓето збогатени со ново искуство и среќни со новиот телефон, два златни прстени и веке 23 евра исто така излегуваат. Излегуваат и живеат. Се упатуваат во првиот бар и имаат за многу пива. За прстените ќе добијат уште по толку. Телефонот лесно се продава на ибеј.
Причината е злосторство а реакцијата казна. Има и почеток, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Има тема, идеа и главни ликови. Стил на пишување – кратки реченици и многу запирки. Најтешко е да се протолкуваат запирките. Во целата веќе застарена приказна фали само смисла, и во стварност, пишувајќи го ова повторно се обидував да ја пронајдам. Сигурно се сокрила зад некоја недопишана запирка, или пак беше турната од воз за да згасне веднаш потоа, во темно поле со камен под главата.
и на англиски читај овде
2 коментари:
Девојката не манифестирала големо ниво на ризично поведение. Ако државата (или приватното претпријатие) пуштила воз во 22:00 часот, должна била да го обезбеди истиот.
www.psiholog1.wordpress.com
Државава во која што живеам, иако е во нато, еу и многу други звучни групации и пакти, многу малку има направено за безбедноста на своите граѓани а работа има многу. инаку, полските железници биле обвинети за целава работа ама нормално победија во спорот. Мене ми се случило да бидам ограбена во воз ( на спиење), ама многу сум среќна бидејќи во процесот не се разбудив бидејќи и јас сум можела да се најдам до шини.Нормално пријавив во полиција веднаш по тоа и нормално ништо.Размислував да ги тужам железниците но батлив кога се сетив на случајот со девојката, иако во мојот случај се работеше за меѓународен ноќен воз, ѓоа евросити за кој што платив околу 50 евра карта.
Објави коментар