петок, март 20, 2009

Исповест - лоша вест

После долго време на самозалажување дека мојот живот е сигурен и фантастичен, конечно ми се тупна вистината во лице – останав без работа. Во мојот случај, како лектор – останувањето без работа во март месец е трагедија. Огласите се нула бидејќи се појавиле во септември и јануари и јас сум моментално со големи перспективи да не најдам никаква работа се до септември-октомври. Што нормално за мене значи едно – морам да сменам работа, нешто што на драго срце можам да го направам само имам мал проблем. Не знам што друго сакам да правам. Ги гледам не толку бројните (заради финансиската криза) огласи за работа и немам појма на кое од нив да се пријавам. Првиот начин ми беше да пуштам на се што бара познавање на англиски, компјутери и кастомер сервис и на слепо го праќав ЦВто на се што ќе се појавеше. Поминаа 4 дена, наводно премногу кратко за да почнам да паничам, но за мене моментално секој мал пораз боли како најголема животна трагедија. Сфатив една работа, морам да го напишам ЦВто уште еднаш од ново ако сакам на светот да му покажам дека имам други способности освен даскалско-транслаторски. А ги имам, жими сфе. Овие неколку години се научив да лажам и комбинирам, се научив да продавам пуфки и муда за бубрези знаејќи дека лагата има кратки нозе. Јас живуркав.

Наводно тоа било многу добар занает – да продаваш. Моите шефови, блиски пријатели кои без пардон ми рекоа пред една недела да си барам друга работа беа полни со пофални зборови – ти си нашиот најдобар лектор, имаш способности да станеш добар лидер и одлично да продаваш услуги – ме тапкаа по рамото се додека во буџетот им нивни не испаднав како преголем трошок и решија дека на едно училиште за странски јазици впрочем и не му треба Дајректор оф Стадис за да се турка, и имаа право – една недела без мене и уште се живи.

Се обидов да ја зачувам онаа мала гордост што ми останала, а се троши со секој ден се повеќе и повеќе, и да не прифатам да ми ја дадат фебруарската плата на 4 рати. Гордо и триумфаторски извикнав – да биде до понеделник ор елс!

Ги уплашив, демек - со мојот лебедов крик. Да не пукнам, со тоа што останав без работа истовремено добив желба повторно да пишувам поезија и морам да почнам од замрзнати епитети – стилот се вежба полека и богами, се губи со текот на годините.

Минативе месеци полна со оптимизам и перспективи за месециве што следуваат планирав да одам во Берлин за први мај, во Хрватска во Јули и во Прага за велигден.
Моментално бројам дали ќе имам пари за струја за 3 месеци.
И во 2009 година нема да купам лаптоп.

Трагедија!

Аха, ќе си речите некој нема ни за леб а ти се секираш дека нема за компјутер да ти стигнат пари. И во право сте, така ме научил капитализмот кој моментално прв пат во животот ми плесна шамар, а за жал ќе ми плесне уште многу други сочни и жестоки удари на моето мило и никогаш не прежалено минато ЕГО. 

Само друго ми е на ум. Јас, со моите 28 години, летото ќе го поминам како и сите гастарбајтери (иако јас не сум економски имигрант) во Македонија сретнувајќи се со сите роднини и пријатели. Овој пат прв пат во животот ќе се вратам гола и боса како што си заминав. Овој пат прв пат во животот ќе ги разочарам дека не ми оди. Овој пат на сите ќе треба да им ја кажам вистината во лице – тоа дека сум во странство апсолутно не ми помага во ништо. Се извинувам бабо и дедо, се извинувам мајко и татко и сите мои познаници. Сама сум, немам пари и ќе биде темна и долга ноќ. 

Се извинувам.